61 година од катастрофалниот земјотрес, Скопје – градот на солидарноста. На овој ден, колку и да е клише, не потсетува на нашата длабока љубов и приврзаност кон Скопје, и покрај неговите сегашни предизвици и падови.
Мојот град е и необичен и обичен, тивок, гласен, бучен, буден, тажен, познат, а секојдневно те изненадува, одвратен, брз и бавен – зависи за кого како и тоа е ОК! Седам на улица, разговарам со непознати луѓе, галам бездомни кучиња, го набљудувам од различни перспективи. Сокачарам, се радувам и плачам во него. На моменти се чудам како може уште да ме инспирира, а веќе следниот момент создавам нешто ново, како да правам нешто за прв пат. Ги обожавам зајдисонцата и изгрејсонцето. Имам разбирање за кретени (често и не). Луѓето во овој град се уште ме инспирираат, и со задоволство ги чекориме заедно овие улици.
Создавам инспириран од животот во мојот град, таков каков што јас го сакам и во кој уживам. Пуштам плочи и се радувам како да имам 10 години. Непознати луѓе кои уживаат во моите плочи ми даруваат насмевки и задоволни лица поради музиката и тоа што го создавам. Со часови седам во локалот кај нашиот бариста во ќошот и цртам како времето да не постои. Кркам депресии, радости, љубови и падежи, угорници и удолници. Анксиозност доста ми е од тебе, досадна си. Имам со кого да споделам и радост и тага. Уште мислам дека луѓето се добри и дека можат да се подобрат.
Скопје е емоција. Ако некогаш сте ја доживеале, таа длабоко е врежана – често како болка во желудник и грутка во грло, нова носталгија и желба за подобра иднина. Современа култура и весели улици. Живеење од ден за ден. Жега, гушење од немање воздух, непроспиени ноќи. Тренинг у 7 сабајле. Возење точак со часови и без поента со слушалки на уши. Татнеж и волја за ново. Луѓе што не искажуваат емоции, а прекорно те гледаат кога се отвораш, соголуваш, споделуваш, дека се исцелуваш. Суета е тешко срање.
Скопје – градот на солидарноста засекогаш, и нужна потреба да се потсетува зошто е тоа така. Музика, музика, музика и необични облеки. Градски парк, подиум и патики полни скопска прашина. Еуфорија, жена парк, желба за нови дрвја, фонтани. Современа култура, повеќе точаци од коли. Другари и другарки од дијаспора со спомени. Луѓе што се праат дека не те познаваат, а некогаш сте биле блиски. Кенкање дури и кога е добро. Шприцер, љута вотка, салата. Луѓе на кои им значи се што се создава, и се мисли на иднината. И се разбира, и ТИ!
Да зборуваме и создаваме за ново Скопје за 20 години, како што зборуваме за она пред 20.
Текст: indog
Нарација: Бистра Георгиева, indog, #streetsofskopje #skopjememories
Скопје 2024